Корисничко име Лозинка Пријави се
20.2.2015

Балотели: Престанете да драматизирате

Марио Балотели по втор пат само во десетина дена му донесе победа на Ливерпул, овој пат против Бешикташ во Лигата на Европа, но не можеше да не направи циркус.

„Црвените“ до 85-тата минута не успеаја да го совладаат голманот на турската екипа, но потоа Ајб беше соборен по пробивањето по десното крило, па добија идеална шанса за водство.
Се чинеше дека или Даниел Стариџ или Џордан Хендерсон ќе го изведат пеналот, но контроверзниот Италијанец не сакаше никому да му го препушти тоа.
„Џордан (Хендерсон) требаше да го изведе пеналот. Правилата се правила, Хендерсон, како капитен, требаше да шутира. Марио повторно беше непослушен и покажа непочитување кон капитенот, но, од друга страна, му честитам бидејќи беше прецизен. Сепак, не е убаво да се види како се расправаат соиграчите“, изјави Стивен Џерард, кој не играше поради повреда.
Балотели пред овој удар од белата точка беше прецизен во 26 наврати од 28 обиди.
„Мислам дека Џордан одлично изреагира. Увиде дека Марио баш сака гол, се сврти и отиде во вистински момент, а и во интервјуто по натпреварот покажа дека е вистински капитен“, додаде Џерард.
„Многу важен гол. Навистина, јас сакав да го изведам, но Марио рече дека се чувствува самоуверено, бидејќи и претходно изведувал многу важни пенали. Како и да е, сите сакаат да шутираат, но овој пат Марио беше тој којшто погоди“, изјави Хендерсон.
Од друга страна, Брендан Роџерс, менаџерот на екипата на Ливерпул, не сакаше да даде изјава за целиот инцидент, разјаснувајќи само една работа.
„Единствената работа која вечерва ќе ја разјаснам е дека ние победивме со 1-0. Имаме неколку одлични изведувачи на пенали, а единствено што е важно е триумфот пред реваншот следната недела“, изјави Роџерс по натпреварот.
За крај, Балотели остави коментар на својот профил на „Инстаграм“.
„Ти благодарам Хендо што ми дозволи да го изведам пеналот, а вие останатите – престанете да драматизирате. Победивме, и тоа е единствено што се смета. Ние сме тим, но, пред сè, ние сме Ливерпул. Ајде момци“, напиша репрезентативецот на Италија.


Најнови вести