Корисничко име Лозинка Пријави се
22.12.2014

Норвежанките повторно на врвот на Европа

Норвешките ракометарки се новите шампиони на Европа, откако во финалето на Европското првенство во Унгарија и Хрватска ја победија Шпанија со 28-25.

Норвежанките со тоа на врвот на Стариот Континент ги наследија Црногорките, а воедно ја освоија петтата титула во последните 11 години, а вкупно шеста.
Единствениот шампионат на којшто селекцијата на Норвешка не била шампион од 2004 година беше одржан пред две години во Србија, кога беше поразена од Црна Гора со 34-31 по продолженијата.
Норвежанките, исто така, се погрижија и бројот на освојувачи на Европското првенство да не се прошири на четири, бидејќи, покрај нив, досега златен медал освоија само ракометарките на Данска, три пати, и по еден Црногорките и Унгарките.
Во битката за титулата во салата „Ласло Пап“ во Будимпешта, Норвежанките и Шпанките водеа голема борба. Првото полувреме го доби репрезентацијата на Шпанија со 12-10, а потоа Норвежанките се разбудија и ја одржуваа предноста. На самиот крај, ривалките успеаја да им се приближат само со еден гол заостанување, но со подобрата завршница, Норвежанките стигнаа до златото.
Најдобра во тимот на Норвешка беше Корен со десет голови, Мерк постигна седум, а Солберг три. Во редовите на Шпанија, Пења имаше десет погодоци, а Мартин и Кабрал по четири.
Во борбата за бронзениот медал, репрезентацијата на Шведска ја победи Црна Гора со 25-23.

Најнови вести