Корисничко име Лозинка Пријави се
24.11.2014

Крузеиро суверен во Бразил

Фудбалерите на Крузеиро доминантно дојдоа до титулата во бразилската Серија А, до втората последователна, а четврта во историјата на клубот од Бело Оризонте.

Крузеиро со синоќешната победа од 2-1 над Гојас на две кола пред крајот стигна до новата круна пред Сао Пауло, кому не му помогнаа бројните звучни засилувања.
Пред околу 60.000 навивачи на стадионот „Минеирао“, Крузеиро до клучната победа дојде со головите на играчот за врска Рикардо Гуларт и напаѓачот Евертон Рибеиро.
Крузеиро е прв тим од 2008 година кој врза две титули во Бразил, а е најуспешен тим во државата откако во 2003 година е воведен новиот систем на натпреварување.
Клучни играчи во освојувањето на титулата беа: споменатиот играч за врска Рикардо Гуларт, кој го дели првото место на листата на стрелците со Фред и со Енрике со по 15 голови, потоа Боливиецот Марсело Морено со 14 голови и првиот асистент на Серија А, Евертон Рибеиро.
Тимот од Бело Оризонте во шестото коло го презеде првото место на табелата и оттогаш не го испушташе. Екипата на Марсел Оливеира има 23 победи, колку што оствари во текот на минатата сезона.
Крузеиро има шанса да ја освои и двојната круна, но мора да го надополни заостанувањето од два гола против Атлетико Минеиро во финалето на Купот.
Овој клуб првата титула ја освои во 1996 година, а втората во 2003, во првата сезона со систем од две кола на натпреварувањето. Минатата сезона Крузеиро стана прв тим кој ја освоил титулата победувајќи го секој ривал во лигата барем еднаш.