Корисничко име Лозинка Пријави се
24.1.2015

Реал доведе талентиран Бразилец

Фудбалерот од средината на теренот на Крузеиро, Лукас Силва, е ново засилување на Реал Мадрид, потврди претседателот на бразилскиот клуб Марсио Родригес.

„Трансферот на Лукас Силва е официјален и клубот ќе издаде соопштение наредните денови. Тој одлучи дека е време да си оди, а ние ќе го замениме со некој од нашите млади фудбалери“, изјави Родригес.
„Кралскиот клуб“ за трансферот на младиот дефанзивен играч за врска ќе плати вкупно 13 милиони евра, а поради комплицираните сопственички односи на фудбалерот, парите ќе ги поделат седум компании, вклучувајќи го и Крузеиро.
Лукас Силва има 21 година и во кариерата играше само за Крузеиро за кој дебитираше во 2011 година на седумнаесетгодишна возраст. Има четири настапи за младинската селекција на Бразил за која постигна и еден гол.
Тој беше еден од најзначајните фудбалери во освојувањето на двете едноподруго титули на Крузеира, а неговиот талент го пофали и поранешниот фудбалер на Реал Жулио Баптиста.
„Тој е Бразилец но се вклопува во европскиот стил на игра. Ако во Мадрид игра како во Бразил ќе стане едно од најголемите имиња во фудбалот многу брзо“, изјави Баптиста.
Доаѓањето на Бразилецот најверојатно ќе ја подотвори вратата за заминување на Асиер Илјараменди за кој е заинтересиран Атлетик Билбао. Баскиецот во 2013 година дојде од Реал Сосиедад, но главно влегуваше во игра од клупата и не успеа да му се наметне на Карло Анчелоти.
„Асиер не играше многу во последно време, но тоа не ја смалува довербата која ја имаме во него, како и неговото значење за целиот тим“, изјави тренерот на „кралевите“.

Најнови вести