Корисничко име Лозинка Пријави се
30.6.2014

Лам: Да не ризикуваме со продолженијата

Филип Лам, капитенот на репрезентацијата на Германија, изјави дека неговиот тим навреме е предупреден да не ризикува со продолжувања и дека ќе направи сè за да се пласира во следната рунда по 90 минути игра.

Германија и Алжир ќе се сретнат во 22 часот во Порто Алегре, во средбата од осминафиналето на Светското првенство во Бразил.
„Не сакаме да ги имаме проблемите што ги имаат некои други, да одиме во продолженија или пенали. Наводно, малите фудбалски земји покажаа за што се способни. Ние сме предупредени и ќе направиме сè за да се пласираме по 90 минути игра“, изјави Лам за германските медиуми.
Лам и Јоахим Лев, селекторот на Германија, не сакаа на барањето на новинарите да се впуштат во изговарање на имињата на алжирските фудбалери бидејќи не сакале да ги изговорат погрешно.
„Но, го анализиравме противникот, знаеме дека е заслужено меѓу 16-те. Тоа е екипа која заедно се брани, не сака да прими ниту еден гол и не сака да изгуби ниту еден дуел. Ќе биде многу непријатно“, изјави Лев.
Селекторот изјави дека најголема дилема му е дали на местото на централниот играч за врска да почне Сами Хедира или Бастијан Швајнштајгер, коишто играат одлично откако закрепнаа од повредите.
„Двајцата се во можност да почнат да играат од стартот, ќе биде тешко да се донесе одлука“, додаде Лев.
Германија ќе игра без повредениот Лукаш Подолски, чие место, најверојатно, ќе го замени Марио Гетце.

Најнови вести