Корисничко име Лозинка Пријави се
08.3.2012

Подолски потпиша за Арсенал

Германскиот репрезентативец Лукаш Подолски ќе го напушти Келн на крајот од сезоната и за 13 милиони евра ќе премине во Арсенал, пренесуваат германските медиуми.

Келн, кој во моментов се наоѓа на 14-тото место на табелата во Бундеслигата, не ги коментираше пишувањата во медиумите дека Подолски веќе се договорил со „топчиите“.
Дваесет и шестгодишниот напаѓач во Арсенал ќе биде платен околу седум милиони евра годишно. Пред да се договори со клубот од Лондон, Подолски разговарал со својот соиграч од репрезентацијата Пер Мертесакер за состојбата во клубот.
„Во последните неколку седмици беше многу заинтересиран што се случува во Арсенал, ми испрати неколку пораки. Му дадов позитивен одговор, клубот е добар и сите имаат позитивно мислење за него“, рече Мертесакер.
Неговиот договор со Келн истекува во јуни 2013 година. Одигра вкупно 95 натпревари за репрезентацијата на Германија и беше дел од тимот на две Светски првенства, а играше и во финалето на Европското првенство во 2008 година, кога „панцирите“ беа поразени од Шпанија.
Оваа сезона на дваесет бундеслигашки натпревари постигна 16 погодоци, повеќе од половината на целиот тим, бидејќи играчите на Келн оваа сезонава 31 пат ја затресоа мрежата.

Најнови вести