Корисничко име Лозинка Пријави се
18.6.2018

Рафаел Маркес, човек - Мундијал

Мексиканскиот дефанзивен играч Рафаел Маркес на вчерашниот натпревар против Германија стана дури трет фудбалер во историјата кој учествувал на пет Светски првенства.

Маркес (39) во победата против актуелниот шампион влезе во игра во 72-рата минута и со тоа му се придружи на сонародникот Антонио Карбахал и на Германецот Лотар Матеус по бројот на учества на Мундијалите. Првиот играше на турнирите во 1950, 1954, 1958 и 1962 и 1966 година, а вториот во 1982, 1986, 1990, 1994 и 1998 година.
Еднаков број Светски првенства има и легендарниот италијански голман Џанлуиџи Буфон, но тој на дебитантската 1998 година не настапи ниту еднаш.
Некогашниот стопер на Барселона на најголемата фудбалска смотра дебитираше во 2002 во Јапонија и Јужна Кореја, кога Сомбреросите ги предводеше како капитен, а тоа го направи и во 2006 во Германија, во 2010 во Јужна Африка и четири години подоцна во Бразил.
Во меѓувреме, влезе во историјата како прв мексикански играч кој постигнал голови на три Мундијала во низа и прв фудбалер кој бил капитен на својата селекција на четири планетарни турнири.
Интересно е тоа што малку недостасуваше на Маркес ова да му биде шесто натпреварување, бидејќи во последен момент беше изоставен од списокот за Светското првенство 1998 година во Франција, иако претходно го забележа првиот настап за државниот тим.
Маркес досега одигра 144 натпревари за Мексико.

Најнови вести