Корисничко име Лозинка Пријави се
24.2.2017

Лестер го отпушти Клаудио Раниери

Челниците на Лестер го отпуштија менаџерот Клаудио Раниери, соопшти клубот.

Челниците на шампионот на Англија на ваквиот потег се одлучија само по девет месеци по сензационалниот триумф на „лисиците“ во Премиер лигата, па останува да се види каква ќе биде реакцијата на навивачите на клубот.
Лестер игра неспоредливо полошо во актуелната сезона, на 13 натпревари до крајот на трката има само еден бод повеќе од екипата која се наоѓа во зоната за испаѓање, но затоа има активен резултат во осминафиналето на Лигата на шампионите.
Тимот од стадионот „Кинг пауер“ е поразен во Андалузија од Севилја со 2-1, па меѓу осумте најдобри тимови на Европа, во неговото прво учество во елитното натпреварување, го води и минимален триумф во реваншот.
Сè уште не се знае кој ќе биде наследник на Раниери.
Одлуката е уште повеќе зачудувачка кога се знае дека водечките луѓе на клубот пред помалку од еден месец му дадоа апсолутна поддршка на италијанскиот стручњак.
„Неговиот статус како најголем и најуспешен менаџер на Лестер ќе остане засекогаш непроменет, без дилема. Меѓутоа, резултатите во домашниот шампионат го доведоа лигашкиот статус на клубот во опасност, па сметаме дека нашата одлука е вистинско решение. Веруваме дека е потребна промена во водењето, иако оваа е една од најтешките коишто сме ги донеле, неопходна е и е во апсолутен интерес на нашиот клуб“, се наведува во соопштението на Лестер.
Лестер е во опасност да стане прв шампион на Англија од 1938 година кој по една година од освојувањето на шампионската титула да испадне во понизок ранг.
Поранешниот тренер на Наполи, Фиорентина, Валенсија, Атлетико Мадрид, Челзи, Парма, Јувентус, Рома, Интер, Монако и селектор на Грција во Лестер стигна во 2015 година и конечно успеа да го освои првиот голем национален трофеј, по триумфот во минатиот милениум со „лилјаците“ во Суперкупот на Европа и Интертото купот, односно освојувањето на Купот на Италија со Фиорентина.

Најнови вести