Корисничко име Лозинка Пријави се
17.1.2018

Историја во Англија: ВАР во Лестер, „лисиците“ во четвртата рунда

Фудбалерите на Лестер го совладаа Флитвуд на домашен терен во повторениот натпревар од третата рунда на ФА купот со резултат 2-0 и се пласираа во шеснаесетфиналето на натпреварувањето.

Натпреварот на „Кинг пауер“ го обележа и историското користење на системот ВАР во англискиот фудбал. ВАР беше употребен кај вториот погодок на Ихеаначо во 77-мата минута. Марез повлече контра низ средината и топката ја испрати кај Нигериецот, кој го совлада голманот Нил, но помошниот судија покажа дека е во офсајд. По консултацијата со судијата од ВАР, Мајк Џонсон, главниот судија ја увиде грешката (ногата на дефанзивниот играч на Флитфуд остана одзади) и го призна голот.
Пред тоа, Ихеаначо ги доведе „лисиците“ во водство со голот во 43-тата минута, по грешката на дефанзивниот фудбалер на гостите и по асистенцијата на Ислам Слимани, за сигурен триумф против екипата од Лига 1.
Во наредната фаза противник на Лестер ќе биде Питерборо.
Во останатите натпревари, Вест хем по продолженијата го сруши отпорот на Шрусбери и славеше со 1-0, а единствениот гол за домашната екипа го постигна Бурк во 112-тата минута. Екипата од Лондон во следната фаза ќе игра со подобриот од дуелот Борнмут – Виган.
Шефилд вензди како домаќин славеше над Карлајл со головите на Матијас во 28-мата и Нухиу во 66-тата минута (2-0) и во наредната рунда ќе игра со Рединг, кој беше подобар од Стивенејџ со 3-0.
Единствениот триумф во гости го оствари Кардиф, кој по 4-1 против Мансфилд, ќе има исклучително тешка задача во осминафиналето, каде што го очекува натпреварот со Манчестер сити.

Најнови вести