Корисничко име Лозинка Пријави се
25.12.2017

Мата: Како да сме поразени од Лестер

Хуан Мата, фудбалерот на Манчестер јунајтед, вчера изјави дека неговата екипа мора што побрзо да ги заборави разочарувачките резултати против Бристол и Лестер.

Јунајтед нема да го одбрани трофејот во Лига купот бидејќи во четврт-финалето изгуби од Бристол сити со 2-1, додека во саботата одигра 2-2 против Лестер во Премиер лигата.
Во двата натпревари Манчестер јунајтед прими голови во продолжението на времето, во првиот за пораз, во вториот за реми.
Екипата на Мурињо на табелата сега заостанува со 13 бодови зад првопласираниот градски ривал Сити. Утре ќе игра против Барнли, во сабота против Саутхемптон, а на први јануари против Евертон.
„Мораме да одиме понатаму, посебно за време на празниците, кога распоредот е тежок. Сите играат на два-три дена. Лути сме, но мораме понатаму да се одмориме и да размислуваме за наредниот натпревар, со желба да го завршиме во многу подобро расположение“, изјави Мата, а пренесе „Скај“.
Мата ги постигна двата гола против Лестер, неговите соиграчи имаа многу шанси да обезбедат победа, но екипата прими гол во четвртата минута од продолжението на времето.
„Не го завршивме натпреварот, а требаше. Сега е лесно да се каже. Да победевме, сега ќе зборувавме дека натпреварот бил фантастичен, дека сме направиле пресврт на резултатот. Но, тоа е фудбалот. Тие во последната секунда ја испратија топката во шеснаесетникот и постигнаа гол“, додаде шпанскиот фудбалер.
„Се чувствуваме како да сме поразени. Освоивме бод, но како да изгубивме бидејќи бевме многу блиску до победа и имавме шанси. Тие имаа играч помалку, па сите имаме чувство дека сме го изгубиле натпреварот“, изјави Мата.

Најнови вести