Корисничко име Лозинка Пријави се
10.11.2016

Белгија 19 години без пораз од Холандија

Фудбалерите на Холандија ремизираа 1-1 со првите соседи Белгијците во пријателскиот натпревар на „Амстердам арената“.

„Лалињата“ со тоа остануваат без победа над „црвените ѓаволи“ и по седум натпревари, а таа низа трае уште од 1997 година. Утеха им е дека ја прекинаа серијата од два порази.
Домаќинот поведе на крајот на првото полувреме, кога Дави Класен реализираше пенал поради стартот на Вертонген над Џермејн Ленс.
Гостите имаа повеќе од игра во Амстердам, но Мартин Стекеленбург долго време немаше конкретна работа на својот гол.
Дека домаќинот тешко ќе го одбрани водството, најави Ромелу Лукаку во 78-мата минута. Иако сите очекуваа гол, одличниот голгетер на Евертон се посрами промашувајќи ја топката на 2-3 метри од голот.
Само пет минути подоцна, Белгија стигна до реми. Јаник Фереира Караско упати удар од дваесетина метри и удри во еден дефанзивен играч на Холандија и го измами Стекеленбург.
Пет минути пред крајот, Еден Азар пропушти зицер за пресврт, фудбалерот на Челзи се прошета низ одбраната на Холандија, се провлече меѓу двајца дефанзивни играчи и излезе сам против Стекеленбург, но тој одлично реагираше.
Ова беше 127-ма средба меѓу членките на Бенелукс, Холандија има 56 победи, а Белгија 41.
Холандија во недела ќе гостува кај третиот член на Бенелукс, Луксембург, каде што мора да победи за да го искористи меѓусебниот дуел на Франција и Шведска, зад коишто заостанува по три бода во групата А.
Во другиот натпревар вчера, директниот ривал на Белгија во групата Х од квалификациите за Светското првенство 2018 година, Грција доживеа неочекуван пораз на свој терен.
Белорусија изненади во Пиреја со 1-0. Сјаргеј Палицевич во 14-тата минута го реши натпреварот на „Јоргос Караискакис“ со фантастичен гол од слободен удар.
Тоа е прв пораз на Грција по петте последователни победи, а пред важниот дуел со Босна и Херцеговина во недела на тој терен.
Белгија и Грција имаат по три победи, Босна и Херцеговина заостанува со три бода зад нив, а Естонија, која гостува во Брисел, три.

Најнови вести