Корисничко име Лозинка Пријави се
07.11.2016

Мареј прв рекет на светот, Федерер не е меѓу десетте

АТП ја објави новата листа на најдобро рангирани играчи на светот, листата која во Велика Британија со нетрпение ја очекуваа и чиј изглед се знаеше уште пред два дена и која не е значајна само поради промената на првото место.

Од денес, седми ноември, најдобар тенисер на планетата е Енди Мареј, кој на првата позиција го замени Новак Ѓоковиќ, од кого пред завршниот турнир во „О2 арената“ во Лондон, има 405 бодови предност (11.185 во однос на 10.870).
Станислас Вавринка остана на третото место со 5.115 АТП бодови, додека Милош Раониќ и покрај предавањето на натпреварот во полуфиналето на Мастерс во Париз, напредуваше за една позиција. Петти е Кеј Нишикори со 345 бодови заостанување во однос на Канаѓанецот.
Напредок за едно место забележа и новиот светски број 6, Гаел Монфис, додека Марин Чилиќ со одличните партии во последните неколку седмици и полуфиналето во Париз обезбеди напредок од три позиции и сега е седми играч на светот.
На осмото место е Рафаел Надал, кој падна за две места, Доминик Тим испушти една позиција и сега е деветти рекет на светот, а десеттото место го држи Томаш Бердих.
За прв пат по 14 години Роже Федерер не е меѓу десетте најдобри на светот. Роже падна за седум места и сега е 16-ти, а пред него се најдоа: Давид Гофен, Жо-Вилфред Цонга, Ник Киргиос, Роберто Баутиста Агут и Лука Пуи.
Иво Карловиќ остана на 20-тото место, а со 55 бодови пред него е Џон Иснер, кој напредуваше за осум позиции. Виктор Троицки падна за едно место и сега е 29-ти играч на светот, а Борн Ќориќ е петти рекет на регионот и се наоѓа на 48-мото место, исто така една позиција полошо од претходната седмица.

Најнови вести