Корисничко име Лозинка Пријави се
11.9.2018

УЕФА воведува трето клупско натпреварување

По Лигата на шампионите и Лигата на Европа, од сезоната 2021/22 ќе има нов турнир

Европската фудбалска федерација (УЕФА) планира да воведе ново европско клупско натпреварување, кое би започнало од сезоната 2021/22. Оваа идеја ја лансираше претседателот на Асоцијацијата на европски клубови (ЕКА), Андреа Ањели, кој воедно е и прв човек на италијанскиот првак Јувентус.
Засега не се откриваат повеќе детали околу тоа како ќе изгледа новиот турнир, но јасно е дека тоа ќе биде место каде што ќе им се даде шанса на послабите екипи да се претстават на европската сцена. 
Со воведувањето на новиот турнир, бројот на екипи кои ќе учествуваат во европските натпреварувања ќе се зголеми на 96 од сите земји на Стариот Континент. Ова би било најголема промена која ја прави УЕФА на клупско ниво во последните десетина години. Последната голема промена се случи во 2008 година, кога УЕФА реши да го укине Интертото купот. 
Многу е веројатно дека со воведувањето на третиот турнир, ќе се случи промена и во форматот на Лигата на Европа. Наместо сегашните 48 екипи, кои се дел од групната фаза, бројката ќе се редуцира на 32 клубови за да се зголеми квалитетот на натпреварувањето. 
Промени во Лигата на шампионите не се предвидени и таму ќе останат 32 клубови во елитната групна фаза.