Корисничко име Лозинка Пријави се
04.11.2016

Лига на Европа: Интер на чекор од елиминација, се пласираа Шахтар и Шалке

Интер беше очаен дури и без Франк де Бур, а Шалке и Шахтар се пласираа во следната рунда.

Фудбалерите на Интер ја продолжија серијата од порази и по заминувањето на Франк де Бур, синоќа изгубија во гости од Саутхемптон со резултат 2-1, а пласман во наредната рунда обезбедија Шахтар и Шалке, додека Ајакс е на чекор од елиминациската фаза.
Интер тешко дека до пролет ќе игра во Европа, бидејќи се наоѓа на дното на табелата само со три бода. Спарта има девет, Саутхемптон седум, а Хапоел четири.
До крајот на групната фаза, Интер мора да го победи Хапоел во гости, а потоа и Спарта на свој терен за да може да се пласира понатаму.
По синоќешните средби, може да се рече дека Ајакс го решил прашањето за пласман во наредната рунда, откако на својата „Амстердам арена“ ја совлада екипата на Селта со 3-1.
Во другиот натпревар од групата Г, ПАО ја пропушти шансата да остане втор, тој изгуби од Стандард со 0-2 и падна на дното на табелата.
Во групата Х, Шахтар со синоќешната победа од 3-1 во гости кај Гент го завери пласманот во наредната рунда. Шахтар сега има максимални 12 бодови и сигурно ќе остане лидер на табелата, без оглед на останатите резултати до крајот на есента.
Во другиот натпревар од групата, Брага како домаќин беше подобра од Коњаспор со 2-1 и скокна на второто место на табелата со пет бодови.
Во групата И, Шалке, исто како Шахтар, се пласира во наредната рунда откако ја забележа четвртата победа. Синоќа го совлада Краснодар со резултат 2-0. Во таа група, Ница на свој терен изгуби од Салцбург со 0-2 и сега е далеку од пласман во наредната фаза.
Во групата Ј, Фиорентина направи важен чекор кон фазата на елиминација откако како домаќин беше подобра од Либерец со 3-0.
Во втората средба од групата, ПАОК забележа пораз од 0-1 како домаќин на Карабаг, па сега падна на третото место со четири бода, три помалку од синоќешниот ривал.
Во групата К се одигра дербито на вечерта. Саутхемптон го нагости Интер, кој и по заминувањето на Франк де Бур, беше поразен со 2-1. Во другиот дуел од групата, Спарта од Прага ја продолжи серијата на одлични резултати откако синоќа го совлада Хапоел Бер Шева со 2-1 и сега е лидер на табелата со девет освоени бодови.
Во натпреварот од групата Л, Османлиспор го победи Вилјареал на „Мадригал“ и го презеде челото на табелата со седум освоени бодови.
Во другата средба од таа група, Цирих и Стеауа одиграа без голови и со тоа ја пропуштија шансата да се искачат на второто место на табелата.

 

Најнови вести