Корисничко име Лозинка Пријави се
29.8.2018

Османи: Не се предаваме, и Розенборг има слаби точки

Ќатип Османи е оптимист пред реванш-дуелот со Розенборг и верува дека Шкендија има шанси да се пласира во фазата по групи во Лигата на Европа

Шкендија има негатива од два гола, но и голем оптимизам дека поразот од 1-3 во Норвешка може да се преточи во победа во реваншот, што би било доволно тетовци да остварат историски клупски успех и за првпат да играат во фазата по групи во Лигата на Европа.
Утре во Скопје ќе се игра клучниот меч што ќе ги разреши дилемите дали Розенборг или Шкендија ќе играат во ЛЕ.
„Мораме да го наметнеме нашето темпо, да играме побрзо, да одиграме колективно за да можеме да се надеваме на успех и елиминација на Розенборг. На првиот меч во Трондхајм покажавме дека можеме рамноправно да се носиме со норвешкиот првак, а како и сите екипи, и Розенборг си има слаби точки. Ние треба максимално да ги искористиме за да оствариме голем успех и пласман во Лигата на Европа“, изјави Ќатип Османи.
Тренерот на Шкендија ќе се обиде да најде победнички рецепт, нејзе ѝ одговара и победа од два гола разлика, без примен гол, а ова е трет обид во низа за пласман во ЛЕ.
Претходните две сезони Шкендија не успеваше да ја мине последната пречка, а Гент и Милан беа пресилни за тетовци во фазата на плејофот. Реваншот во Скопје ќе се игра утре, од 20.15 часот.

 

Најнови вести