Корисничко име Лозинка Пријави се
31.10.2016

Тухел: Заслуживме повеќе од 0-0

Томас Тухел, тренерот на Борусија Дортмунд, изјави дека е разочаран од ремито со Шалке (0-0) во големото рурско дерби.

Борусија ја продолжи серијата на четири натпревари без победа во Бундеслигата, што е најлоша низа на тимот откако Тухел ја презеде екипата од Јирген Клоп летото 2015 година.
Во натпреварот со малку шанси домаќинот имаше неколку можности за гол, но ги пропуштија Марио Гетце и Кристијан Пулишиќ, како и Пјер-Емерик Обамејанг.
„Бевме поблиску до победа од Шалке, направивме многу непринудени грешки во првото полувреме и се мачевме да пронајдеме ритам. Во вториот дел бевме покомпактни, јасно подобар тим, но тоа не го носи секогаш резултатот кој си го заслужил“, изјави Тухел.
Борусија по девет одиграни кола, заостанува со осум бодови зад најголемиот ривал и лидер во првенството, Баерн Минхен.
„Имавме шанси, моравме да постигнеме гол. Секогаш играме на победа дома. Задоволен сум од играта, многу помалку од резултатот. Играта во второто полувреме и подобрената ситуација со повредите ни даваат причина за оптимизам“. Додаде тренерот на Борусија.
Борусија Дортмунд во следното коло гостува кај последнопласираниот Хамбургер, но пред тоа го дочекува Спортинг во четвртото коло од Лигата на шампионите.

Најнови вести