Корисничко име Лозинка Пријави се
31.3.2018

Тухел и ПСЖ во завршна фаза од преговорите

Бидејќи Баерн од Минхен кажа не, сè укажува на тоа дека Томас Тухел на ПСЖ ќе му одговори потврдно.

Реномираниот француски весник „Л’Екип“ го потврди она за што пишуваше и германскиот „Билд“, а тоа е дека Томас Тухел, некогашниот тренер на Борусија од Дортмнд, најверојатно ќе го замени Унаи Емери на клупата на клубот од Париз. Шпанскиот стручњак е блиску до разделба со „светците“ бидејќи без оглед на сите вложени милиони во играчкиот кадар, не успеа да ги оправда очекувањата.
Францускиот весник наведува дека вработените во клубот се сигурни дека договорот со германскиот фудбалски стручњак се во завршна фаза, Тухел, наводно, веќе бара помошен тренер кој ќе му се придружи во престолнината на Франција.
Четириесет и четиригодишниот тренер им оставил силен впечаток на челниците на ПСЖ на нивниот последен состанок – како поради тоа што течно зборува француски, така и поради начинот на којшто се играше фудбалот за време на неговиот ангажман во Дортмунд.
Управата на ПСЖ сè уште не дава какви било сигнали за оваа работа, Спортскиот директор Енрике Антеро, кој безуспешно сакаше да го доведе Антонио Конте, сегашниот менаџер на Челзи, кратко изјави:
„Тренер на ПСЖ е Унаи Емери. Тој има договор и не е моментот да се зборува за друг тренер. Се наоѓаме во важна фаза на оваа сезона и мораме многу да работиме за да се концентрираме и да ги постигнеме своите цели“, изјави Антеро.
„Л’Екип“ наведува и дека нареден кандидат за тренер на ПСЖ е Јоахим Лев, селекторот на германската репрезентација, но дека тој во наредната сезона сигурно нема да може да го преземе клубот.

Најнови вести