Корисничко име Лозинка Пријави се
06.7.2016

Бејл: Зошто да не можеме како Грција и Данска?

Репрезентативецот на Велс Герет Бејл изјави дека неговиот тим со многу самодоверба го чека натпреварот во полуфиналето на ЕП против Португалија.

Фудбалерите на Велс и Португалија вечер во Лион во 21 часот ќе го доиграат првиот полуфинален натпревар од Европскиот шампионат. 
„Очигледно е дека ги надминавме очекувањата на луѓето, свесни сме за тоа. Но секогаш веруваме дека можеме до крајот... Ќе ја видите бајката во минатото на Грција и на Данска и ќе си помислите - зошто не би можеле и ние да го сториме тоа?“, изјави Бејл, кој истакна дека неговиот тим растеше како одминуваше турнирот.
„Напредувавме како тим во квалификациите, а уште повеќе пораснавме во текот на турнирот. Кога моравме да победиме играјќи грд фудбал, победувавме грдо. Кога моравме да играме фудбал, игравме фудбал. Верував дека можеме нешто да сториме, затоа го резервирав одморот дури за 11-ти јули... Многу научивме од првите два натпревари против Словачка и Англија, навистина напредувавме и добивме многу повеќе самодоверба“, додаде тој.
Бејл се сети на зборовите на соиграчот од Реал Мадрид, репрезентативецот на Германија, Тони Крос.
„Се сеќавам дека Тони Крос кажа дека ќе одиграме само три натпревари на Европското првенство. Имаше многу смеење и шегување, но имаше и многу малтретирања во текот на годините... Би било многу убаво да се сретнеме во финалето“, изјави Бејл.
Во второто полуфинале, утре ќе се сретнат Франција и Германија.

 

Најнови вести