Корисничко име Лозинка Пријави се
17.4.2018

Зидан: Бензема има тешка сезона, потребна е ротација

Реал Мадрид ја совлада Малага со 2-1 во 32-рото коло на шпанската Примера лига, а на натпреварот Зинедин Зидан направи повеќе измени во составот поради заморот по четврт-финалниот двомеч во Лигата на шампионите со Јувентус.

Иско и Каземиро беа играчите коишто му донесоа на Реал три бода на „Ла Росаледа“, а поголемиот дел од тимот доби слободна вечер во неделата. Тренерот Зинедин Зидан сакаше да направи ротација во поставата бидејќи тимот неодамна играше исцрпувачко четврт-финале на Лигата на шампионите со Јувентус.
„Многу е важно да направите мали промени и да ги одморите останатите играчи. Не беше лесно, против себе го имавме тимот кој е на дното на табелата, а не заслужува да биде таму. Игравме многу сериозно и го почитувавме противникот. Не е лесно да се раководи со тимот, сакав да направам ротација и да ги одморам играчите, иако не може баш сите да добијат одмор. Имаме уште еден натпревар до полуфиналето на Лигата на шампионите, во добра форма сме, здрави сме и немаме никакви проблеми“, изјави Зидан, кој даде коментар за отсуството на Герет Бејл и за одличната партија на Иско.
„Што се однесува до Герет Бејл, доби одмор како и сите останати. Иско одигра одлично и среќен сум од неговиот настап. Некогаш беше важен за Малага, а сега е важен за Реал“, додаде тренерот на клубот од Мадрид.
Тренерот на Реал, исто така, беше запрашан и за Карим Бензема, кој во оваа сезона постигна само девет гола на 38 натпревари.
„Тој нема да се откаже. Сака да дава голови, имаше шанси. Играше многу добро, само фалеа голови. Оваа сезона е многу комплицирана за него кога се работи за головите, но да почекаме. Сезоната не е завршена“, изјави Зидан.
Реал е трет на табелата на шпанското првенство, без шанси да дојде до титулата. Наредниот натпревар Реал го игра утре, против Атлетик од Билбао, во 21.30 часот. Потоа Кралскиот клуб ќе има седум дена да се подготви за првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите против Баерн во Мадрид.

Најнови вести