Корисничко име Лозинка Пријави се
07.5.2018

Црвен картон и грешки на судиите – реми во бурното Ел Класико во Барселона

Фудбалерите на Барселона и на Реал Мадрид ремизираа со 2-2 во Ел Класико, кое го обележа 36-тото коло на шпанската Ла Лига.

Во многу бурното дерби, во кое имаше многу неспортски потези, одлични вештини на играчите  и, пред сè, бројни судиски грешки, Каталонците успеаја да останат непоразени иако целото второ полувреме играа со играч помалку.
Најголемиот натпревар на шпанскиот фудбал немаше резултатско значење, но беше јасно дека двете екипи сакаат да триумфираат. Напнато беше уште од самиот старт, а во десеттата минута Луис Суарес им донесе предност на домаќините. Уругваецот ги круниса одличната акција и центаршутот на Серхи Роберто, најавувајќи бурна вечер на „Камп ноу“.
Само пет минути подоцна, резултатот беше 1-1. Бускетс излезе на средината, во продолжение на акцијата на Крос, центрираше до Бензема, а тој со глава до Кристијано Роналдо, кој од пет метри погоди за изедначување.
Тогаш гостинот ја презеде иницијативата и имаше неколку одлични шанси, но на полувремето резултатот беше 1-1, а Барселона во последните секунди на првиот дел од играта остана со играч помалку на теренот бидејќи Серхи Роберто во еден дуел со тупаница во глава го удри Марсело.
Главниот арбитер Алехандро Ернандес во меѓувреме пропушти да го исклучи Герет Бејл, кој остро стартуваше над Самуел Умтити.
Беше јасно дека следува пеколно второ полувреме. Иако имаа играч помалку на теренот, Каталонците само по шест минути од играта во вториот дел, повторно дојдоа до предност, а по добрата контра, голот го постигна Лионел Меси.
Нему му асистираше Суарес, кој претходно направи фаул, што Ернандес пропушти да го санкционира, како и малку подоцна, кога Жорди Алба направи очигледен пенал над Марсело.
Иако Барселона имаше мала иницијатива на теренот по вториот гол, Мадриѓаните не се предаваа, па по одличниот удар на Бејл во 72-рата минута од работ на шеснаесетникот, дојдоа до изедначување и со тоа го поставија конечниот резултат.
Екипата на Ернесто Валверде со тоа ја продолжи одличната сезона во домашното првенство, моментно има 87 бода и може да ја заврши сезоната без пораз, додека Реал се наоѓа две места подолу со 15 бодови помалку.

Најнови вести