Корисничко име Лозинка Пријави се
02.12.2015

Бензема: Само сакав да му помогнам на Валбуена

Францускиот фудбалер Карим Бензема, кој се наоѓа под истрага и е обвинет дека го уценувал соиграчот од репрезентацијата Матје Валбуена, изјави дека сè било недоразбирање.

Бензема уште на почетокот на минатиот месец беше приведен поради сомнение дека е вмешан во уценувањето на Валбуена околу компромитирачката видео снимка и му се заканува максимална затворска казна од пет години.
Од тогаш па сè до денес, Бензема не се огласуваше, а вечерва ќе биде објавено ексклузивно интервју за француската телевизија „ТФ1“ во кое тој изјавува дека само сакал да му помогне на Валбуена.
„Матје е мој пријател, само сакав да стане свесен за сериозноста на ситуацијата во која се наоѓа и да му помогнам“, изјави Бензема во интервјуто кое ќе биде емитувано вечер, а кратки делови од интервјуто пренесе „Л`монд“.
Бензема откри дека сè уште ја нема видено снимката, а за неа слушнал од својот пријател Карим Занетија, кој е првиот обвинет за изнуда.
„Не е точно дека Карим барал пари, тој само сакал да биде посредник меѓу тројцата уценувачи и Валбуена. Тој е мој пријател, му давам доволно пари, а вработен е во мојата фирма“, истакна Бензема.
Бензема во вторникот се најде на удар на Францускиот премиер Мануел Валс, кој изјави дека не му е местото во националниот тим, доколку се докаже дека е виновен. Во текот на викендот „Л‘Екип“ објави дека местото на Бензема во репрезентацијата на Европското првенство во Франција сериозно е доведено во прашање.

Најнови вести