Корисничко име Лозинка Пријави се
26.11.2015

Сомнежи за последниот натпревар меѓу Ерменија и Албанија

Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Ерменија, Рубен Хајрапетјан, ги обвини репрезентативците дека го наместиле натпреварот против Албанија во Ереван.

Во последниот натпревар за квалификациите за ЕВРО 2016, Албанија славеше победа со 3-0 и директно се пласираше на Европското првенство 2016 година.    
Албанските медиуми пишуваа дека ерменскиот голман и тројца од одбранбените играчи поделиле меѓу себе два милиони евра и со тоа ѝ помогнале на Албанија да го постигне најголемиот резултат во нејзината историја.
Хајрапетјан не сакаше да именува на кого се сомнева, но порача дека ќе ги искорени малверзациите.
„Репрезентацијата ѝ припаѓа на целата нација и сите би требало да бидеме незадоволни. Како претседател ќе направам сè за да ја пребродиме оваа криза. Нашите репрезентативци очигледно не сакаа да играат, а тоа е предавство. Да го имавме и најдобриот селектор на светот, повторно ќе загубевме“, изјави Хајрапетјан.
Првиот човек на ерменскиот фудбал отфрли дека ќе поднесе оставка по скандалот во Јереван.
Само да потсетиме, Албанија до неопходниот триумф во Ерменија дојде откако домаќините постигнаа два автогола, веќе по првите 23 минути од натпреварот.

Најнови вести