Корисничко име Лозинка Пријави се
14.7.2015

Русите му врачија отказ на Капело

Славниот италијански тренер Фабио Капело веќе не е селектор на репрезентацијата на Русија, соопшти Фудбалскиот сојуз на земјата.

Како што се наведува во соопштението на интернет-страницата на Фудбалскиот сојуз на Русија, Капело е сменет поради лошите резултати во квалификациите за Европското првенство 2016 година.
„Фудбалскиот сојуз на Русија и селекторот на националниот тим Фабио Капело постигнаа договор за договорно раскинување на соработката“, се наведува во соопштението на Фудбалскиот сојуз.
Русија е трета на табелата на групата Г со осум бодови и има четири помалку од второпласираната Шведска и осум помалку од Австрија на првото место, па ќе има поголеми тешкотии да се пласира на Европското првенство во Франција следната година.
Капело ја презеде Русија во 2012 година, а минатиот јануари потпиша нов четиригодишен договор, кој би траел до крајот на Светското првенство 2018 година.
Русите долго одолговлекуваа со оваа одлука, а причината е едноставна – пари. Без оглед на тоа што Русите лесно одлучуваат за високи суми, ниту ним не им е сеедно бидејќи на Капело ќе мора да му исплатат дури 21,5 милиони евра.
Капело има договор до 2018 година вреден 32,5 милиони евра, минатата година доби 4,5, а оваа му следуваат 6,5 милиони.

Најнови вести