Корисничко име Лозинка Пријави се
10.7.2015

Џерард: Дојдов да победувам, а не да уживам во удобен живот

Стивен Џерард на крајот на сезоната го напушти Ливерпул и отиде во Лос Анџелес галакси како големо засилување. Популарниот Стиви Џи изјави дека во САД не дошол поради удобниот живот, бидејќи има уште многу да докаже.

Во интервјуто што го даде за „Скај спорт“, поранешниот капитен на „црвените“ и на „гордиот Албион“ изјави дека му одговара тоа што на улиците на Лос Анџелес не го препознаваат.
„Навистина е освежување кога можете да шетате низ улиците, а да не ве препознаваат. Одлуката не ја донесов на таа основа, но во Англија секогаш сте во центарот на вниманието, така е кога играте во Премиер лигата, во Ливерпул“, изјави Џерард.
Тој додаде дека на почетокот на кариерата сите сакаат внимание, но дека со време здосадува.
„Тешко е да излезете на кафе или на ручек со ќерките, бидејќи сите гледаат во вас. Тоа е она што го сакате кога почнувате, но во овој стадиум на мојата кариера убаво е кога можете да имате приватност“, додаде Британецот.
Пред да одлучи да потпише договор со Лос Анџелес галакси, Џерард се консултирал со колегите во врска со доаѓањето во САД.
„Разговарав со Роби Кин и Дејвид Бекам, коишто ја искусија МЛС-лигата. Двајцата ми рекоа дека нивното натпреварување е многу добро. Тренирав десет дена и можам да кажам дека квалитетот е солиден, играчите се физички подготвени и се однесуваат како професионалци“, додаде Стиви Џи.
Некогашниот капитен на клубот од „Енфилд роуд“ изјави дека во Лос Анџелес не дошол исклучиво за пари.
„Овде дојдов да победувам, многумина мислат дека овде сум поради пари и дека само ќе седам и ќе уживам во животот во Лос Анџелес. Меѓутоа, луѓето кои ми се блиски, како и они коишто играле со мене, знаат дека штом почне натпреварот, јас сакам да победам“, изјави Џерард.

Најнови вести