Корисничко име Лозинка Пријави се
27.5.2015

Кливленд со 4-0 против Атланта во големото финале

Кошаркарите на Кливленд кавалирс се првите учесници во големото финале на НБА-лигата. „Коњаниците“ во четвртиот натпревар ја победија Атланта хокс со 118:88 и со вкупен резултат од 4-0 ја завршија финалната серија на Источната конференција.

Тимот од Охајо за титулата ќе се бори против Голден стејт или против Хјустон (3-1), а Вориорс ноќеска (03:00) ќе имаат шанса да му се придружат на Кливленд.
За разлика од претходните три натпревари, кога Леброн Џејмс речиси сам го влечеше својот тим, во четвртиот натпревар до израз дојде тимската игра. Дури шестмина кошаркари на Кливленд имаа двоцифрен кошаркарски учинок и во ниту еден момент немаше дилеми дали екипата на тренерот Дејвид Блат ќе ја искористи првата меч-топка и за прв пат од 2007 година ќе обезбеди место во борбата за прстенот.
Џејмс беше најефикасен со 23 поени, девет скокови и седум асистенции, Џеј Ар Смит постигна 18 (десет скокови), повратникот во тимот по паузата од два натпревари Кајри Ирвинг и Тристан Томпсон постигнаа по 16, Тимофеј Мозгов додаде 14, а Метју Делаведова десет поени.
Колку Џејмс ѝ значи на екипата на Кливленд, се виде од изјавата на Блат по натпреварот.
„Многу им значи и на овој тим и на овој град што се врати. Сето ова го заслужуваш“, изјави Блат за Џејмс.
Кај гостите, Џек Тиг постигна 17, Пол Милсап 16 (десет скокови), а Кент Бејзмор 12 поени. Во тимот од Џорџија  ги немаше Перо Антиќ и Кајл Корвер.
Финалната серија стартува на четврти јуни.

Најнови вести