Корисничко име Лозинка Пријави се
09.4.2015

УЕФА: Три бода за Русија од Подгорица

Прекинатиот натпревар меѓу репрезентацијата на Црна Гора и Русија во квалификациите за Европското првенство е регистриран со официјален резултат 3-0 во корист на Русија.

Црна Гора е казнета со играње два натпревари пред празни трибини, со тоа што казната за вториот натпревар е условна во случај да се повторат инцидентите во наредните две години.
Исто така, Фудбалскиот сојуз на Црна Гора ќе мора да плати и 50.000 евра, додека Русија, од друга страна, е казнета со 25.000 евра поради непристојно однесување на нејзините навивачи на тој натпревар.
Средбата од квалификациската група Г на стадионот во Подгорица на 27-ми март  беше прекината уште во првата минута, откако рускиот голман Игор Акинфеев од трибините беше погоден со факел во глава. Тој веднаш бил префрлен во болница, каде што му биле дијагностицирани изгореници на вратот и благ потрес на мозокот.
И покрај тоа, судијата по долги консултации, одлучи да го продолжи натпреварот, а дефинитивно го прекина во 68-мата минута, по новиот инцидент на црногорските навивачи, коишто со тврд предмет го погодија противничкиот играч Димитриј Комбаров.
Натпреварот меѓу Црна Гора и Русија беше обележан со бројни инциденти на трибините, а беше прекинат при резултат 0-0.
По одлуката на УЕФА, Русија на табелата на групата Г се наоѓа на третото место со осум бодови, зад водечката Австрија со 13 и Шведска со девет.
Црна Гора остана четвртопласирана со пет бодови, пред Лихтенштајн со четири и Молдавија со еден бод.

Најнови вести