Корисничко име Лозинка Пријави се
02.1.2015

Џерард налето го напушта Ливерпул

Стивен Џерард, капитенот на Ливерпул, денеска објави дека налето ќе го напушти клубот.

Џерард денес ја соопшти официјалната одлука дека на крајот на сезоната ќе си замине од „Енфилд роуд“.
„Ливерпул беше огромен дел од мојот живот и збогувањето ќе биде многу тешко, но чувствувам дека тоа е во интерес на сите, на моето семејство и на клубот“, изјави Џерард.
„Ќе продолжам да играм и иако сега не можам да потврдам за кој клуб, можам да кажам дека тоа ќе биде за клуб кој нема да се натпреварува и да игра против Ливерпул, тоа не би можел никогаш да го направам“, продолжи Џерард.
„Мојата одлука е целосно базирана на мојата желба да искусам нешто ново и различно во мојата кариера и животот и исто така сакам да немам каење кога на мојата играчка кариера ќе и дојде крајот“, заврши Џерард.
Тој е првотимец на Ливерпул од 29-ти ноември 1998 година, а од дебито досега одигра 697 натпревари во сите натпреварувања и постигна 180 голови.
Беше столб на Ливерпул, кој никако не можеше да ја освои титулата во Премиер лигата покрај доминантните Арсенал и Манчестер јунајтед. Но, Џерард во 2005 година со „црвените“ се искачи на врвот на Европа по антологиското финале со Милан во Истанбул.
Освен тоа, освои две титули на ФА купот, три на Лига купот и една на Суперкупот на УЕФА.
Речиси 15 години беше репрезентативец на Англија, чиј дрес го носеше 114 пати и постигна 21 гол, а се повлече по ланскиот Мундијал.

Најнови вести