Корисничко име Лозинка Пријави се
04.12.2014

Ламберт: Очајно сакаме Џерард да остане

Рики Ламберт, фудбалерот на Ливерпул, изјави дека капитенот Стивен Џерард би требало кариерата да ја заврши во тој клуб.

Актуелниот договор на Џерард со Ливерпул му истекува следното лето, а пред неколку дена менаџерот Брендан Роџерс соопшти дека клубот му понудил нов договор.
„Зборувам во името на сите од екипата, очајно сакаме Стивен да остане. Јасно е дека одлуката е негова, но мое мислење е дека мора да остане во Ливерпул до крајот на животот. Џерард е човек-Ливерпул и уживање е да се игра со него, се надевам дека нашата соработка ќе потрае“, изјави Ламберт за „Скај спорт“.
Англиските медиуми пренесуваа дека Џерард има неколку понуди од МЛС-лигата, како и од клубовите од Блискиот Исток. Легендарниот капитен на „црвените“ целата кариера ја помина во Ливерпул, одигра 686 натпревари и постигна 177 голови.
Со Ливерпул ги освои: Лигата на шампионите, Купот на УЕФА, два пати ФА купот, три пати Лига купот, Комјунити шилд и Суперкупот на Европа, но неисполнета желба му е титулата во Премиер лигата.
За репрезентацијата на Англија настапи 114 пати и постигна 21 погодок, а летоска, по Светското првенство во Бразил, се збогува од националниот дрес.

Најнови вести