Корисничко име Лозинка Пријави се
05.3.2014

Левандовски ќе го пропушти натпреварот против Шкотска

Роберт Левандовски, напаѓачот на Борусија од Дортмунд, се повреди на тренинг на националната репрезентација на Полска и ќе го пропушти пријателскиот натпревар против Шкотска.

Агенцијата ПАП пренесува дека Левандовски го напуштил кампот на полската репрезентација и отпатувал во Германија.
Искусниот напаѓач почувствувал болки во коленото на бундеслигашкиот натпревар во саботата против Нирнберг (3-0), во којшто беше стрелец, а повредата е влошена.
Полските медиуми првобитно пренесоа дека се работи за тешка повреда на вкрстените лигаменти на коленото, што би значело дека на Левандовски му претстои повеќемесечна пауза, но лекарот на репрезентацијата Јацек Јарожевски потврди дека се работи за блага контузија на предниот лигамент.
„Разговаравме со неговиот клупски лекар и, според наше мислење, Роберт не би смеел да игра на следниот првенствен натпревар за Борусија“, изјави Јарожевски.
Левандовски, кој оваа сезона за Борусија Дортмунд постигна 15 првенствени голови и шест во Лигата на шампионите, налето ќе му се придружи на германскиот и европски шампион Баерн од Минхен.
Репрезентациите на Полска и Шкотска ќе се сретнат вечерва во пријателски натпревар од 20.45 часот во Варшава.

Најнови вести