Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
25.6.2018

Родригес брилијантен, Полска елиминирана

Репрезентацијата на Колумбија ја победи Полска со 3-0 во второто коло од групата Х на Светското првенство во Русија.

Со овој пораз составот на Адам Навалка е елиминиран од Мундијалот без освоени бодови во групната фаза. Од друга страна Колумбија остана во игра за нокаут фазата со три бода, еден помалку од Јапонија и Сенегал со кого ќе се сретнат во последното коло.
Головите за Колумбија ги постигнаа стоперот Јери Мина во 40-тата минута, Радамел Фалкао во 70-тата и Хуан Квадрадо во 75-тата минута.
Покрај тројцата стрелци брилираше Џејмс Родригес кој беше најдобар фудбалер на теренот. Фудбалерот на Баерн Минхен двапати асистираше и беше постојана закана за голот на Полска.
Полска подобро го почна натпреварот и Колумбијците изгледаа збунето во воведните минути, но потоа се освестија и ја преземаа контролата на натпреварот.
Избраниците на Хозе Пекерман беа поконкретни во завршницата на првото полувреме и наградата за добрата игра дојде на пет минут пред крајот кога Родригес одлично нафрли во шеснаесетникот, а високито Јери Мина го совлада Шченсни.
Ништо не се смени и во второто полувреме. Полска ја презема иницијативата и преку Левандовски имаше добра шанса во 58-ата минута, но Оспина го одбрани неговиот удар. Казната стигна 12 минути подоцна.
Кинтеро со одлично додавање го пронајде Фалкао кој со удар со надворешниот дел од ногата го совлада по втор пат полскиот голман. По овој гол видлив беше падот на Полјаците, што го казни Квадрадо пет минути подоцна.
Колумбија за пласман во осминафиналето ќе игра против Сенегал, а Полска ќе се прости од Мундијалот против Јапонија. Натпреварите ќе се играат за три дена.

Најнови вести