Корисничко име Лозинка Пријави се
18.2.2014

Вилја: Балотели најголема опасност

Давид Вилја, фудбалерот на Атлетико од Мадрид, пред натпреварот со Милан во осминафиналето на Лигата на шампионите, изјави дека најголема опасност на неговата екипа ѝ се заканува од Марио Балотели.

Фудбалерите на Милан и Атлетико Мадрид утре од 20.45 часот на „Сан Сиро“ го играат првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите.
„Марио Балотели прави разлика на теренот. Исто така, Милан има многу квалитетни играчи, како што е Кака. Мора да бидеме свесни за тоа. Сакаме добро да одиграме затоа што сакаме добар резултат. Мораме мирно да влеземе во натпреварот“, изјави Вилја.
Балотели ќе го предводи нападот на Милан, а настапот на Кака е неизвесен поради повредата на глуждот.
Атлетико не е поразен оваа сезона во групната фаза од натпреварувањето во Лигата на шампионите, а во натпреварот влегува по победата над Валјадолид од 3-0. Милан во натпреварот влегува по првенствената победа против Болоња, но се наоѓа на деветтото место во Серија А, со заостанување од 31 бод зад водечкиот Јувентус.
Балотели изјави дека Атлетико е голем тим и дека тој дуел не е борба меѓу него и напаѓачот на шпанската екипа Диего Коста.
„На Атлетико добро му оди во првенството, тие се голем тим. Диего Коста е одличен играч, но тоа нема да биде борба меѓу нас“, изјави Балотели.
Во екипата на Кларенс Сидорф поради суспензија нема да бидат Сули Мунтари и Рикардо Монтоливо.
„Натпреварот против Атлетико ќе биде голема шанса да направиме чекор напред. Милан секогаш има што да покаже во Лигата на шампионите. Верувам дека стадионот ќе биде полн, како во старите времиња. Атмосферата и навивачите ќе им го дадат на нашите играчи она што им е потребно“, изјави Сидорф.
Реванш-натпреварот на програмата е на 11-ти март во Мадрид.

Најнови вести