Корисничко име Лозинка Пријави се
28.2.2013

Ибрахимовиќ казнет со два натпревари во Лигата на шампионите

Европската фудбалска федерација го казни Златан Ибрахимовиќ, шведскиот напаѓач на ПСЖ, со суспензија на два натпревари во Лигата на шампионите поради црвениот картон што го заработи во првата средба од осминафиналето против Валенсија.

ПСЖ го доби тој натпревар на „Месталја“ со 2-1, но расположението во екипата го расипа Ибрахимовиќ со непотребниот црвен картон поради грубиот прекршок над Андрес Гвардадо во самата завршница на натпреварот.
Ибрахимовиќ ќе го пропушти возвратниот натпревар против Валенсија на „Паркот на принцовите“ на шести март, како и првата четврт-финална средба, доколку ПСЖ се избори.
Исто така, УЕФА го одби протестот на Шалке поради настапот на Дидие Дрогба за Галатасарај во првиот натпревар од осминафиналето (1-1) во Истанбул. Дрогба му се приклучи на Галатасарај на крајот на февруарскиот преоден рок од кинескиот клуб Шангај Шенхуа, кој тврдеше дека Дрогба го прекршил договорот што го имал со тој кинески клуб.
„По прегледувањето на комплетната документација врзана за тој случај, Контролната и дисциплинска комисија одлучи да го одбие протестот на Шалке“, наведе УЕФА во соопштението.

Најнови вести