Корисничко име Лозинка Пријави се
20.2.2013

ФИФА и Интерпол бараат строги казни за местачите

Челниците на Меѓународната фудбалска федерација на состанокот со претставниците Интерпол се заложија за построги закони за оние кои местат натпревари.

Ралф Мучке, директорот за безбедност на ФИФА, истакна дека во сите земји мора да се заострат законите против корупција во фудбалот.
Состанокот беше одржан по повод неодамна откриената криминална мрежа која намести повеќе од 700 мечеви, вклучувајќи и натпревари од Лигата на шампионите и од квалификациите за Светското првенство.
„Изрекуваме доживотни суспензии на играчите и на судиите, но криминалците и понатаму се на слобода, тие не се казнуваат“, изјави Мучке коментирајќи го неодамнешното одбивање на Сингапур да уапси осомничен за местење натпревари.
„Мораме да ги убедиме Владите на сите земји да донесат нови закони. Многу земји немаат закони со кои може да се борат против местењето натпревари“, додаде Мучке.
Според податоците на Европската полициска агенција, во Европа се идентификувани околу 380 сомнителни натпревари, од вкупно над 700 низ целиот свет, а центарот на криминалната мрежа за местење натпревари е во Сингапур.

Најнови вести