Корисничко име Лозинка Пријави се
15.3.2012

Вердер без Пизаро против Борусија Дортмунд

Поради шлаканицата што му ја удри на Емануел Погатец, Клаудио Пизаро, најдобриот стрелец на Вердер Бремен, по дополнителниот преглед на снимките е суспендиран на два натпревари.

На гостувањето кај актуелниот шампион Борусија Дортмунд, а потоа и на домашната средба против Аугсбург, Вердер ќе биде значително ослабен со неиграњето на убедливо најдобриот стрелец, искусниот перуански напаѓач Клаудио Пизаро, кој оваа сезона 16 пати ги тресеше противничките мрежи.
За време на средбата од 25-тото коло на Бундеслигата, во која беше стрелец на првиот погодок за Вердер, Пизаро во еден момент го удри по лицето Емануел Погатец, а главниот судија Кристијан Дингерт тоа не го забележа, но контролорите на Сојузот го воочија тој настан при дополнителното прегледување на снимките, па потоа е донесена одлуката за два натпревари суспензија за Перуанецот. Иако екипата од Бремен има право на жалба на оваа одлука, тешко дека таа ќе биде променета бидејќи Пизаро ја призна шлаканицата.
„Сакав да се извлечам од неговата прегратка, а во тој момент раката малку ми летна кон неговото лице. Немав таква намера“, се правдаше Пизаро.

Најнови вести