Корисничко име Лозинка Пријави се
26.9.2017

Маркес го напушти Лас Палмас, ќе го замени легендата на клубот

Шпанскиот прволигаш Лас Палмас денес остана без тренерот Маноло Маркес, кој поднесе оставка, додека на негово место привремено ќе дојде Хуан Карлос Валерон, славниот репрезентативец на „црвената фурија“ и некогашен фудбалер на клубот од Канарските Острови.

Лас Палмас по шест одиграни кола во Ла Лига, има две победи и четири порази, но минатиот викенд изгуби од Леганес на негов терен (2-0), а на Маркес тоа му беше последен натпревар на клупата на тимот.
Маркес го презеде Лас Палмас на почетокот на јули, кога по заминувањето на Кике Сетјен, беше унапреден од местото тренер на тимот Б.
Клубот од Канарските Острови привремено решение најде во тренерскиот тандем Пакито Ортиз/Хуан Карлос Валерон.
Името на Ортиз е релативно познато во шпанскиот фудбал, но Валерон е многу попознат. Некогашниот офанзивен играч досега немаше самостоен тренерски ангажман, додека како играч забележа 46 настапи за шпанската репрезентација. Валерон кариерата ја почна и ја заврши во Лас Палмас, а играше и за Мајорка, Атлетико Мадрид и Депортиво Ла Коруња, каде што во текот на 13 сезони играше на повеќе од 300 натпревари.