Корисничко име Лозинка Пријави се
24.9.2016

Навас се враќа во тимот на Реал

Кејлор Навас, голманот на Реал Мадрид, ќе биде меѓу стативите во денешниот дуел со Лас Палмас, објави Зинедин Зидан, тренерот на мадриѓаните.

Навас од почетокот на сезоната не одигра ниту еден натпревар за кралскиот клуб, за кого последен пат играше во финалето на Лигата на шампионите, во кое Реал по пеналите го совлада Атлетико.
Костариканецот во паузата меѓу двете сезони мораше да оди на операција поради хронична повреда на левото стапало.
„Кејлор се врати на тренинзите и ќе биде во тимот. Тој е клучен играч за нас. Кико Касилја одлично се покажа, но ќе разговарам со двајцата да видиме како ќе можеме да го поделиме времето на теренот“, изјави Зидан.
Навас поради повреда ја пропушти Копа Америка и првите пет натпревари во Примера лигата, како и победата над Спортинг од Лисабон на отворањето на Лигата на шампионите.
Реал сезоната ја почна без пораз и по пет кола, има два бода повеќе од Севилја на чело на Примера лигата. Избраниците на Зидан со ремито со Вилјареал во средата ја пропуштија шансата да ја запишат 17-тата рекордна победа по ред.
Дуелот меѓу Лас Палмас и Реал Мадрид се игра вечерва, од 20.45 часот.

Најнови вести