Корисничко име Лозинка Пријави се
21.3.2017

Германците ослабени против Англичаните на збогувањето на Подолски

Германската репрезентација со ослабен состав ќе ѝ се спротивстави на Англија во пријателскиот натпревар во Дортмунд. За „панцирите“ нема да играат Озил, Дракслер и Гомес, додека од дресот на државниот тим ќе се збогува Лукаш Подолски.

Како што соопшти Јоахим Лев, селекторот на Германија, капитенската лента ќе ја носи токму Подолски, кој за репрезентацијата од 2004 година одигра 129 натпревари и постигна 48 погодоци.
Натпреварот во Дортмунд ќе го пропушти Месут Озил, играчот за врска на Арсенал, кој сè уште не закрепнал од повредата на задниот дел на бутниот мускул, поради која викендот не играше против Вест Бромич албион во Премиер лигата.
Јулијан Дракслер, офанзивниот играч за врска на ПСЖ, и Марио Гомес, напаѓачот на Волфсбург, нема да играат против „гордиот Албион“ поради полесни повреди.
Лев изјави дека Мануел Нојер, голманот на Баерн Минхен, е на прегледи поради повредата на листот, па би можело и тој да остане на клупата.
Германија по натпреварот со Англија, ја очекува и средбата против Азербејџан на 26-ти март во квалификациите за Светското првенство во Русија 2018 година.

Најнови вести