Корисничко име Лозинка Пријави се
28.2.2017

Марио Геце привремено ја прекина кариерата

Марио Геце, играчот за врска на Борусија Дортмунд, не може да игра поради нарушување на метаболизмот, соопшти клубот од „Сигнал Идуна парк“.

„Сеопфатните лекарски прегледи поради проблемите со мускулите покажаа дека Геце има нарушување на метаболизмот, поради што засега не смее воопшто да тренира или да се занимава со какви било фудбалски активности“, се наведува во соопштението на Борусија.
Геце има фрустрирачка сезона откако на нејзиниот почетокот се врати во Борусија од Баерн Минхен, само четири пати одигра цел натпревар, а последниот настап му беше на 31-ви јануари.
Стрелецот на победоносниот гол во последното финале на Мундијалот пред почетокот на сезоната имаше проблеми со мускулите, а неодамна се жалеше на проблеми со бутот.
Михаел Цорк, спортскиот директор на Борусија, изјави дека е среќен што конечно се најде коренот на проблемите и Геце ќе добие целосна поддршка полека да закрепне.
Фудбалерот изјави дека ќе направи сè што е во негова моќ да се врати на тренинзите и да му помогне на тимот што е можно поскоро.
„Секојдневно сум на терапии и ќе направам сè за што побрзо да се вратам во процес на тренирање“, кратко изјави Геце.
Тој најверојатно ќе го пропушти следниот собир на репрезентацијата на Германија за натпреварот против Англија во Дортмунд, на 22-ри март, иако селекторот Јоахим Лев изјави дека смета на него.
Останува надежта дека одличниот Марио Геце нема да ја доживее судбината на Себастијан Дајслер, кој на 26 години беше принуден да престане да се занимава со фудбалот поради хронични проблеми со повреди, односно подоцна и депресија.

Најнови вести