Корисничко име Лозинка Пријави се
16.9.2016

Сензација на Хапоел Бер Шева против Интер

Вчера беа одиграни првите натпревари од групната фаза на Лигата на Европа.

Интер на домашен терен беше поразен од израелскиот Хапоел Бер Шева со 0-2.  Откако дојде Франк де Бур, во составот не направи никакви  промени, па Интер уште еднаш ги разочара домашните навивачи.
Во првото полувреме шанса за погодок имаа играчите на израелскиот состав Бузагло и Марањо, но не успеаја да го совладаат голманот Хандановиќ. До крајот на полувремето Едер пропушти да реализира две шанси, а во второто полувреме следуваше нов шок за играчите на Интер. Марањао имаше одлична акција, па му ја додаде топката на Витор, кој успешно ја испрати во голот на „нераѕурите“.
И понатаму фудбалерите на Хапоел вршеа притисок кон голот на Интер, а вториот погодок го постигна Маор Бузагло од слободен удар, кој Хандановиќ не беше моќен да го одбрани.
Манчестер јунајтед предводен од Жозе Мурињо го доживеа вториот пораз по ред. Со комбиниран состав „ѓаволите“ загубија на гостувањето во Холандија кај Феенорд со 1-0 со голот на Вилена во 79-тата минута.
Белгискиот Гент, кој ова лето играше против Шкендија, одигра реми на гости кај португалската Брага (1-1). Фудбалерите на белгискиот тим поведоа уште од шестата минута на средбата, со голот на Данијел Миличевиќ од слободен удар. Но радоста на Гент траеше кратко, во 24-тата минута од натпреварот резултатот го израмни Андре Пинто.
Во првиот натпревар од првото коло меѓу Карабаг и Слован од Либерец постигнат е најбрзиот гол во историјата на ова натпреварување.
Јан Сикора, офанзивниот играч за врска на гостинот, ја искористи асистенцијата на Милан Барош и по 10,9 секунди ја затресе мрежата на азербејџанскиот претставник.
Сикора на тој начин го собори рекордот на напаѓачот на Севилја, Витоло, кој минатата година беше стрелец по 13,2 секунди.

Најнови вести