Корисничко име Лозинка Пријави се
30.5.2016

Врсаљко потпишува за Атлетико Мадрид

Хрватскиот фудбалер Шиме Врсаљко е ново засилување на Атлетико Мадрид, пренесува шпанскиот весник „Марка“.

Сасуоло наводно веќе го договорил трансферот на Хрватот во Наполи, вреден 16 милиони евра, но Врсаљко одбрал да игра на „Висенте Калдерон“.
Врсаљко започна во Динамо Загреб, во 2013 година помина во Џенова, а година дена подоцна стигна во Сасуоло за 3,5 милиони евра.
По две одлични сезони во Сасуоло беше на чекор да се пресели на „Сао Паоло“, но пресудна беше неговата желба да дојде во тимот на Диего Симеоне.
Врсаљко на „Винсенте Калдерон“ треба да биде наследник на 31-годишниот репрезентативен десен бек Хуан Франсиско Торес Белен, познат како Хуанфран, трагичар во неодамнешното финале од Лигата на шампионите. 
Со овој трансфер расте хрватската колонија во Шпанија каде играат: Лука Модриќ, Матео Ковачиќ (Реал), Иван Ракитиќ, Ален Халиловиќ (Барселона), Дује Чоп (Малага) и Иван Келава (Гранада).
Хрватот ќе биде третото засилување на Атлетико за следната сезона, бидејќи „јорганџиите“веќе го договорија доаѓањето на Португалецот Диога Жоте од Пакос де Фереира и Аргентинецот Николас Гајтан од Бенфика.
По еден дефанзивен и двајца офанзивни играчи, Симеоне најверојатно сега ќе бара центарфор.
Атлетико пред два дена беше поразен во финалето од Лигата на шампионите од градскиот ривал Реал, по пеналите, а им пресуди токму Хуанфран, погодувајќи ја стативата во четвртата серија.

Најнови вести