Корисничко име Лозинка Пријави се
30.6.2015

Варгас го одведе домаќинот во финале

Репрезентативците на Чиле се првите финалисти на Копа Америка откако во полуфиналето го совладаа Перу со 2-1.

Чиле го победи Перу со 2-1 и се пласираше во првото финале на овој турнир по 28 години.
Најзаслужен за триумфот на домаќинот беше напаѓачот на Наполи, Едуардо Варгас кој ги постигна двата гола за домаќинот на турнирот.
Чиле во своето петто финале на Копа Америка, турнирот на кој досега не триумфирал, ќе игра против победникот од второто полуфинале во кое се среќаваат Аргентина и Парагвај. Освен четири сребра, Чилеанците пет пати биле трети на Копа Америка.
Избраниците на Хорхе Сампаоли имаа среќа откако Артуро Видал мина неказнет кога во четвртата минута се судри со Карлос Замбрано.
Замбрано во седмата минута доби жолт картон, а веќе во 20-тата минута беше исклучен откако беше невнимателен во стартот над Варгас.
Домаќините ја искористија предноста и во финишот на полувремето Варгас најдобро се снајде во казнениот простор и на комичен начин го совлада голманот на Перу.
Во шеесеттата минута Перу дојде до израмнување со автоголот на Медел кој не успеа да го расчисти нафрлањето на Адвинкула од десната страна.
Сепак, радоста на гостите траеше само четири минути затоа што Варгас со одличен удар од околу 25 метри го постави конечниот резултат и стана херој на домаќинот кој после 28 години го одведе својот тим во финалето на Копа Америка.

Најнови вести