Корисничко име Лозинка Пријави се
01.6.2018

Укината суспензијата на Гереро, капитенот на Перу може во Русија

Врховниот суд на Швајцарија донесе одлука со која привремено му е укината суспензијата на Паоло Гереро, капитенот на репрезентацијата на Перу, кој сега може да биде учесник на Светското првенство во Русија.

Гереро, напаѓачот на Фламенго и на Перу, во октомври минатата година беше позитивен на кокаин, а потоа ФИФА го суспендира на шест месеци надвор од фудбалот. Судот за спортска арбитража во Лозана казната ја продолжи на 14 месеци, што значеше дека Гереро нема да биде на Светското првенство во Русија.
Молба капитенот на Перу да се најде на Мундијалот упатија и капитените на репрезентациите на Франција, Данска и Австралија, против кои ќе игра Перу. Таа не беше усвоена во ФИФА, а последна инстанца претставуваше Врховниот суд на Швајцарија, кој реши да ја промени пресудата на Судот за спортска арбитража.
„Паоло Гереро може да биде учесник на Светското првенство“, стои во соопштението на Врховниот суд на Швајцарија како заклучок на пресудата според која на перуанскиот фудбалер привремено му се дозволува да игра.
Некогашниот играч на Баерн од Минхен за репрезентацијата на Перу дебитираше во 2004 година, а во 83 натпревари постигна 32 гола и е најдобар стрелец во историјата на националниот тим.
Случајот на Гереро сè уште не го добил својот епилог, но она што сега ги интересира навивачите на репрезентацијата на јужноамериканската земја е дека нивниот капитен може да оди во Русија.

Најнови вести