Корисничко име Лозинка Пријави се
06.10.2017

Меси немоќен, нула за Бразил, Санчес херој на Чиле

Фудбалерите на Аргентина пред домашната публика одиграа нерешено 0-0 со Перу во 17-тото коло од јужноамериканските квалификации за Светското првенство.

Лионел Меси и дружината беа немоќни пред голот на Педро Галесе и го забележаа четвртиот последователен натпревар без победа.
„Гаучосите“ се наоѓаат надвор од првите пет места коишто водат на Мундијалот и во последниот натпревар ќе им биде потребна победа за да играат во Русија во 2018 година.
Аргентина доминираше во текот на натпреварот и поседот на топката беше 59 наспрема 41. Но во текот на деведесетте минути топката не сакаше да влезе во голот. Најдобра шанса Аргентина имаше во 47-мата минута од средбата, кога Меси промаши од многу добра позиција – неговиот удар ја погоди стативата. Перу освои многу важен бод.
Синоќа важни триумфи остварија Чиле и Парагвај, додека Уругвај и Бразил во нивните натпревари одиграа без голови.
Чиле пред домашната публика го победи Еквадор со 2-1, а головите за домашниот состав ги постигнаа Варгас во 22-рата минута и Санчес во 85-тата, кој повторно беше херој за неговиот тим.
Неверојатен пресврт имаше во натпреварот во Колумбија, каде што Парагвај во последните неколку минути од средбата успеа да дојде до триумф. Домашниот состав водеше од 79-тата минута со голот на Фалкао, но потоа следуваше вистинска драма.
Оскар Кардосо прво изедначи во 89-тата минута, а во втората минута од судиското продолжение Санабрија направи голем пресврт и уште поголема победа.
Бразил уште претходно обезбеди пласман на Светското првенство, а во претпоследното коло одигра 0-0 на гостувањето во Боливија.
Последното коло во јужноамериканските квалификации се игра за пет дена, кога ќе се сретнат: Бразил – Чиле, Еквадор – Аргентина, Парагвај – Венецуела. Перу – Колумбја, Уругвај – Боливија.

Најнови вести