Корисничко име Лозинка Пријави се
29.6.2017

Браво одбрани три пенали и го одведе Чиле во финалето

Репрезентацијата на Чиле се пласираше во финалето на Купот на конфедерациите откако во Казањ го победи актуелниот европски шампион Португалија по пенал серијата со 3-0.

Натпреварот по регуларниот дел и по продолженијата заврши 0-0, а Чиле победи благодарејќи на одличните реакции на голманот Клаудио Браво кој ги одбрани сите три пенали на Португалците - прво на Рикардо Кварежма, на Жоао Мутињо и на крајот на Нани.
Пеналите за Чиле ги погодија Артуро Видал, Чарлс Арангуис и Алексис Санчес.
Во првото полувреме и двете репрезентации имаа по една вистинска шанса, но двата пати голманите беа поуспешни.
Чиле можеше да постигне гол во 54-тата минута кога Видал се најде во добра ситуација, но топката со удар со глава ја прати над пречката.
Чилеанците имаа шанса и во продолженијата, прво се обиде Санчес во 95-тата минута кога шутираше покрај левиот дирек, а одлична шанса повторно пропушти Видал на две минути пред крајот кога од работ на шеснаесетникот го погоди десниот дирек, а во продолжението на акцијата топката се одби до Мартин Родригес кој ја погоди пречката.
По ова следеа пеналите, а голманот на Чиле Клаудио Браво ги одбрани сите три удари на Португалците.
Чиле во финалето ќе игра против победникот од денешното полуфинале помеѓу актуелниот светски шампион Германија и Мексико.

Најнови вести