Корисничко име Лозинка Пријави се
27.6.2014

Капело: Ласер нè чинеше пласман

Фабио Капело, најскапо платениот селектор на светот, не успеа Русија во релативно лесната група да ја доведе ниту до втората фаза.

Русите покрај поразот од Белгија, одиграа само по 1-1 со Јужна Кореја и Алжир, па понатаму се пласира претставникот на Африка.
Клучниот момент на натпреварот со Алжир се случи на истекувањето на еден час од средбата, кога по центаршутот од левата страна, Ислам Слимани со глава ја испрати топката во мрежата. На тој момент му претходеше контроверзен настан, бидејќи снимката јасно покажа дека навивачите на Алжир со ласери му сметаа на голманот на Русите, Игор Акинфеев.
„Голманот не можеше да си ја заврши својата работа. Ласерски зрак му беше вперен во лице. Беше заслепен од него. Видеоснимката и фотографиите го потврдуваат тоа“, изјави Капело.
Сепак, Капело не сака да се правда.
„Тоа не е обид да се оправдаме. Секоја чест на Алжир. За нив имам само почитување. Жал ми е што имавме шанса да дадеме втор гол, но наместо тоа, го примивме“, изјави селекторот на Русија.
Капело додаде дека не планира да ја напушти селекцијата на Русија.
„Ако во Фудбалскиот сојуз на Русија и понатаму ме сакаат, тука сум“, додаде Италијанецот, кој го продолжи договорот до крајот на Светското првенство 2018 година, чиј домаќин ќе биде Русија.
„Ги доведов на Европско првенство, па на Светско првенство по 12 години, мислам дека тоа е добар резултат“, изјави Капело.

Најнови вести