Корисничко име Лозинка Пријави се
20.6.2014

Сантос горд на грчките фудбалери, Закерони разочаран

Фернандо Сантос, селекторот на Грција, е горд на своите фудбалери бидејќи со играч помалку успеаја да изборат нерешен резултат со Јапонија на Светското првенство.

Грција и Јапонија одиграа без голови, иако европската селекција од 38-мата минута имаше играч помалку поради исклучувањето на капитенот Кацуранис.
„Исклучувањето на Костас Кацуранис, без сомнение, влијаеше на натпреварот. Тогаш им реков на играчите дека мора да се повлечат и тие беа фантастични во смисла на одбраната, борбата и одлучноста“, изјави Сантос по натпреварот во Натал.
„Морам да им честитам на своите играчи бидејќи завршија доста работа во второто полувреме. По исклучувањето, тие беа фантастични. Мислам дека можевме да победиме да не беше црвениот картон“, додаде Сантос.
Алберто Ѕакерони, селекторот на Јапонија, изјави дека е разочаран поради тоа што неговата екипа не создала повеќе шанси за гол.
„Разочарани сме, се надевавме на победа. Околностите беа на наша страна, но ни недостасуваше последниот удар. Имавме некои шанси, нападнавме од самиот почеток, но ни недостасуваше острина во завршницата“, изјави Ѕакерони.
Грција и Јапонија по двете кола имаат по еден бод, а пред нив во групата Ц се Брегот на Слоновата Коска со три и Колумбија со максимални шест бодови.
Во последното коло во вторник во 22 часот ќе се сретнат Грција и Брегот на Слоновата Коска и Јапонија со Колумбија.

Најнови вести