Корисничко име Лозинка Пријави се
16.8.2018

Класата е вечна: Руни и Иниеста делат лекции во САД и Јапонија

Ветераните првпат во кариерата заминаа од своите родни земји и го покажуваат целото свое знаење

Вејн Руни (32) си замина од англиската Премиер лига, но и понатаму е ѕвезда со висок сјај. Некогашниот англиски голгетер замина во САД, каде што потпиша за тимот на ДЦ јунајтед. Дека е вистинско засилување на клубот од Вашингтон, Руни покажува со играта на последните два меча. 
Англичанецот направи вистинско ремек-дело кога на дуелот против Орландо, во 96-тата минута, најпрво успеа да сопре една контра на противникот и да спаси чист погодок, а само неколку секунди подоцна со долг центаршут да асистира за победнички погодок на ДЦ јунајтед. 
Рано утрово Руни покажа дека и самиот знае да дава голови. На мечот против Портланд, Руни даде два гола и беше најзаслужен за убедливиот триумф од 4-1. Во 86-тата минута, Англичанецот беше заменет, а додека излегуваше од игра, доби овации од сите навивачи кои беа на трибините. 
Додека Руни станува главен миленик на навивачите на ДЦ јунајтед, Андрес Иниеста (34) ги тресе мрежите во Јапонија. Легендата на Барселона за првпат во кариерата облече некој друг дрес, но играта му остана иста. 
Иниеста даде два гола на последните два меча за Кобе. Против Хирошима погоди во 17-тата минута, кога израмни на 1-1, што се покажа како конечен резултат, додека во мечот против Ивата со погодокот во 15-тата минута го најави триумфот од 2-1. 
И за Руни и за Иниеста ова е прво клупско искуство надвор од своите земји, но тоа не им е проблем да продолжат со блескавите игри да ги водушевуваат навивачите.

 

Најнови вести