Корисничко име Лозинка Пријави се
12.3.2018

Суспендирана грчката Суперлига

По инцидентите на вчерашниот натпревар меѓу ПАОК и АЕК, но и по неколку слични ситуации коишто ѝ претходеа на последната, грчката Суперлига е суспендирана на неодредено време.

За неколку седмици се случија два големи инциденти кои го потресоа фудбалскиот шампионат на Грција. Во двата беше вмешан солунскиот ПАОК.
Прво беше откажан натпреварот меѓу ПАОК и Олимпијакос поради повредата со која се здоби тренерот на Олимпијакос кога го погоди ролна хартија која беше фрлена од трибините, а вчера дуелот меѓу ПАОК и АЕК беше прекинат неколку минути пред крајот, откако сопственикот на солунскиот тим со пиштол на појасот влезе да се пресмета со судијата.
Јоргос Василијадис, грчкиот министер за спорт, по состанокот со премиерот Алексис Ципрас, одлучил на неопределено време да забрани одигрување на натпреварите во Суперлигата.
Василијадис изјави дека натпреварувањето нема да продолжи додека не се постигне договор околу одредени правила.
Министерот за спорт најави дека се очекува и реакцијата на УЕФА.
„Во контакт сме со УЕФА, таму сите се шокирани од тоа што се случува кај нас“, изјави Василијадис, кој додаде дека е свесен дека постои можност грчките тимови да бидат суспендирани.
Реакцијата на УЕФА, која не гледа благонаклонето кон мешањето на политиката и спортот, секако нема да изостане, а веројатно нема да биде ниту блага.

Најнови вести