Корисничко име Лозинка Пријави се
28.8.2013

Металург го декласираше Пик Сегед

Ракометарите на македонскиот вицешампион Металург го декласираа унгарскиот Пик Сегед со 26-16 во првиот натпревар од баражот за пласман во групната фаза на ракометната Лига на шампиони.

Предводени од новакот Павел Атман и повратникот во тимот по повредата, Дејан Манасков, Металург го диктираше темпото на натпреварот и ја зголемуваше предноста во текот на целиот натпревар.
Во првото полувреме гостите не дозволуваа Металург да направи поголема предност од три гола, а на паузата резултатот беше 13-11.
Во второто полувреме голманот на Металург, Станиќ, влезе во препознатливата форма и спушти „ролетна“ на својот гол и ги ограничи Унгарците на мизерни пет голови за триесет минути.
Тоа го искористија нашите ракометари и постојано ја зголемуваа предноста за конечни 26-16. Најефикасни во нашиот тим беа Дејан Манасков со шест голови и новиот ракометар во редовите на македонскиот вицешампион, Павел Атман со пет голови.
За Металург останува само рутински да го одработи реваншот на 1 септември во Унгарија за да ги сочува големите десет голови и да се пласира во групната фаза на Лигата на шампионите во група заедно со македонскиот првак Вардар Про, Барселона, ПСЖ, Вакер Тун.

Најнови вести