Корисничко име Лозинка Пријави се
04.7.2013

Џибрил Сисе ќе игра во Кубањ

Џибрил Сисе, францускиот интернационалец и досегашен член на Квинс парк ренџерс, потпиша едногодишен договор со Кубањ од Краснодар.

Договорот на 31-годишниот напаѓач има опција за продолжување на уште една година, но финансиските детали не се соопштени.
Сисе минатиот месец договорно ја раскина соработката со Квинс парк ренџерс, кој испадна во втората лига.
Сисе, кој 41 пат ги бранеше боите на Франција и постигна девет голови, изјави дека е среќен што му се придружи на рускиот прволигаш.
„Пред да се согласам да преминам во Кубањ, разговарав со Самуел Ето и Флоран Синама-Понгол за нивното искуство во руската лига. Ми рекоа дека нивото на квалитетен фудбал во Русија е нагло пораснато во последните години и дека таму играат голем број надарени играчи“, изјави Сисе.
Сисе во кариерата играше за Оксер и Марсеј, за англиските клубови Ливерпул, Сандерленд и Квинс парк ренџерс, како и за италијанскиот Лацио и грчкиот Панатинаикос.
Вториот дел од минатата сезона го помина на заем во катарскиот Ал Гарафи.
Минатата сезона Кубањ беше петти во руското првенство и се квалификуваше за Лигата на Европа.

Најнови вести